Што да вклучите, а што да изоставите? Кои делови очекуваат работодавците да ги видат во вашата кратка биографија? Дали редоследот е значаен?

Вашето CV треба да се истакне пред останатите кандидати, но притоа треба да биде напишанo според некои стандардни правила за пишување со вклучување на следните сегменти

  1. Контакт информации
  2. Работно искуство
  3. Образование
  4. Вештини
  5. Дополнителни сегменти (опционо)

Овие сегменти најчесто се содржани според современите стандарди за пишување кратка биографија.

Во сегментот Контакт информации вообичаено се вклучуваат: име и презиме, професионална титула, e-mail адреса, контакт телефон и домашна адреса. Во овој дел можете да вклучите линк до вашиот LinkedIn профил.

Пред да преминете кон сегментот Работно искуство, можете да го збогатите вашето CV со кратка Лична изјава зошто сте вие вистинскиот кандидат за работната позиција, вклучувајќи вештини кои ги поседувате и со кои би се вклопиле во работното место, или пак доколку поседувате многу искуство во таа област, тогаш истакнете го вашиот кариерен напредок и досегашни достигнувања. 

Во сегментот Работно искуство наведете го вашето релевантно работно искуство и клучни достигнувања. Подредете ја листата по хронолошки редослед, почнувајќи со вашето последно работно искуство. Вклучете ги информациите за име на позицијата, компанија за која сте работеле, во кој период и неколку набројувања со кои ќе укажете на Вашите достигнувања и одговорности.


Регрутерите и тимот од човечки ресурси сакаат да знаат колку добро сте ги извршувале вашите работни обврски, затоа посветете посебно внимание на истакнување на вашите достигнувања.
Доколку имате бројки за вашите достигнувања убаво е да ги вклучите и нив. Кога зборувате за Вашите достигнувања можете да користите некои од следните зборови: остварен (таргет), подобрен (процес), зголемено (производство), создадено, испорачано, максимизирано, имплементирано, намалени (трошоци) и слично.

Следен сегмент е вашето Образование. Доколку немате претходно работно искуство, сеуште студирате или пак имате кратко работно искуство овој сегмент можете да го напишете по сегментот Контакт информации. Вклучете ја годината на завршување на студии (или средно образование), звање/назив, институција која ја издава вашата диплома и достигнувања кои можат да се вклучат. Доколку сеуште студирате запишете ја вашата очекувана година на завршување на студиите (или средно образование) со назначување: очекувана.

Во сегментот Вештини вклучете дел за „меки“ вештини и дел за „тврди“ вештини. Овој дел потребно е да го адаптирате на вашите лични вештини, на начин на кој ќе се истакнете.

Дополнителни сегменти кои можете да ги вклучите: награди, професионални сертификати, професионални здруженија, присуство на конференции, дополнителни обуки и сл.

Бидете кратки и содржајни – две страни А4 скоро секогаш ќе бидат доволни.